Денес почнува 30. сезона во македонската фудбалска лига
Со денешниот воведен натпревар помеѓу Вардар и Борец ќе биде отворена сезоната на јубилејното 30-то издание на македонската Прва лига.
Откако минатата сезона заврши неславно со прекин поради пандемијата со коронавирусот и воопшто не продолжи, а ниту пак беше прогласен шампион, дојде време за новата сезона која е јубилејна 30-та откако Македонија е независна држава. Бидејќи лани никој не испадна, оваа сезона бројот на учесници се зголеми на 12.
Иако последни ги започнаа подготовките, пред едвај десетина дена, играчите на Вардар ќе мора да стегнат заби и да ја отворат сезоната и тоа против тврдиот состав на Борец, кој пак со оглед на егзодусот од Вардар, е фаворит на утрешниот натпревар. Натпреварот почнува во 17:30, ќе се игра без публика, но ќе оди директен пренос на МРТ1 и МРТ3.
Сите останати натпревари се на програмата в недела, исто така од 17:30 часот. Интересно се очекува да биде на албанската пресметка меѓу Шкупи и Шкендија, чии натпревари во минатото беа одбележани со големо ривалство. Шкендија сезонава е прв фаворит за титулата. Токму овој натпревар ќе оди во живо на МРТ1 и МРТ3 во неделниот термин.
Двата тима кои доаѓаат од Втората лига, Беласица и Пелистер, сезоната ќе ја почнат на домашен терен и во потрага во 3 бода. Струмичани ќе го нагостат претставникот во Лигата на шампиони, Силекс, додека битолчани ќе го пречекаат тимот на Академија Пандев.
Локална скопска пресметка ќе има во населбата Ѓорче Петров помеѓу прилично ослабениот состав на домаќинот Македонија ЃП и тимот на Работнички кој се најавува како конкурент за титулата.
Најквалитетната македонска фудбалска лига својата воведна сезона ја имаше во 1992/93 кога Вардар убедливо ја освои титулата пред Силекс и Балкан. Претходно лигата беше дел од југословенскиот фудбалски систем како трето или четврто ниво.
Досегашни победници:
10 – Вардар
4 – Работнички
3 – Силекс, Слога Југомагнат, Шкендија
2 – Победа
1 – Македонија ЃП, Ренова