fbpx

Објектив

Погледни подобро

Героски: Влада на ДУИ со Зоран Заев, СДСМ скоро развластен!

Пред да почнете да се муртите и да кажувате некои работи „со опроштење на ЛГБТИ заедницата“, добро е заедно да се потсетиме како беше…

Пред изборите, Зоран Заев на граѓаните им вети дека ДУИ ќе замине во опозиција. И дека тој ќе направи партијата на Али Ахмети да се реформира. Провладината пропаганда како гајди развлекуваше наративи дека Мала Речица е дувло на криминалот и на корупцијата. Во исто време, СДСМ стапи во предизборна коалиција со Беса, а Заев театрално кокетираше со партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши. Сакаше да покаже дека гласовите на ДУИ не вредат „пет пари“.

Со еден збор, сцената беше грижливо сетирана денеска да гледаме еден сосема друг филм – требаше да ги видиме прегрнати Заев, Билал Касами, Зијадин Села и Африм Гаши. Али Ахмети, разочаран и посрамотен, требаше да се повлече во некое далечно бачило и да не се појавува во јавноста додека не узрее новото сирење.

Предлог што не може да се одбие

И ете, наместо една таква блазирана теленовела, каква што замислуваа сценаристите од Бихаќка, денеска видовме едно тврдо филмче, чиниш создадено во работилницата на Тарантино. Ова што се случи денеска ме потсетува на една сцена од „Pulp Ficton“, онаа во подрумот на Зед, ако ви текнува. Се сеќавате, нели, кој е вистинскиот јунак на таа сцена – боксерот Буч. Го игра Брус Вилис. Али Ахмети денеска беше во улогата на Буч. Тепаниот тепан, ебаниот ебан, ама Буч ги лапна парите, раатот и чоперот на Зед и на својата девојка на крајот ѝ рече: „Зед ис дед, бејби“.

Но добро, кој не го гледал филмот, ништо од ова нема да разбере. Ќе бидам појасен. Денеска, значи, гледавме сцена во која Зоран Заев, обзнанувајќи го договорот после лидерската средба, неколку пати му се заблагодари на Али Ахмети, лигаво фалејќи ги неговата „доблест“ и „големина“. Па и тоа како да не беше доволно. На сцената мораше да се појави и перјаницата на пропагандата на Заев, та и тој му се заблагодари на Ахмети. Ние се скинавме од смеење. Таа суперлигава секвенца Тарантино секако би ја исекол од филмот, но кога преносот оди „во живо“, драги мои, тоа е и технички невозможно. Зоќевите алтереговци и натуршици брилијантно наивно ја отсликуваат атмосферата од финишот на преговорите.

Посериозните аналитичарите сепак мора да се распрашаат и да дознаат како дојде до ваков пресврт, толку значаен што Заев мораше и јавно да покаже колку бил шокиран од гестот на Ахмети. Јас можам во таа насока да помогнам со неколку мои импресии на темата.

Не само поради победата на изборите, во огромна мерка овој договор е лична заслуга на Али Ахмети. Мислам дека го познавам стилот на мајсторот од Мала Речица и ве уверувам дека тоа е така. Ако не на мене, верувајте му на Заев, бидејќи и тој ова го признава и тоа веројатно е една од ретките ситуации кога и Зоран ја зборува вистината. Ахмети е искусен политичар и талентиран психолог. Како таков, лидерот на ДУИ веднаш сфатил дека силната желба на Заев по секоја цена да стане премиер, од непремостива пречка во преговарачкиот процес, може да се пресврти во огромна предност за ДУИ. Имам чувство дека Али на самиот почеток на разговорите со Зоран има одлучено во погоден момент на муртинецот да му даде предлог што овој нема да може да го одбие – премиерската фотелја, во полн мандат, без условување, во целофан, со врзана машничка.

Командант од сенка

Си замислувам дека Ахмети, во моменти на разговор самиот со себе, додека ја кроел стратегијата за преговорите, си го поставил и следново прашање: Ете, Заев ќе попушти и јас ќе успеам да го наметнам Насер Зибери за премиер во првата година од мандатот, или во последната, сеедно; односите со Бугарија, на пример, ќе се комплицираат и Насер ќе мора да направи компромис за прашање кое Македонците го сметаат за важно за нивниот идентитет, за јазикот на пример; та зарем Насер и јас да бидеме кабает и да бидеме обвинети дека го продаваме македонскиот идентитет како зелка на пазар?

Покрај сите зла што му се ставаат на душа, не може да се одрече дека Али Ахмети има капацитет да ја види „големата слика“. И дека не сака тој да биде погребник на македонскиот идентитет. Заев, во случајов, немал таков филинг. Во преговорите, тој бил опседнат со желбата да се врати во својата рајхсканцеларија и таму да ги помине следните четири години. Помалку му било важно што ќе добие СДСМ. Ахмети тоа го знаел и затоа одлучил да го повлече најпаметниот потег – на Заев да му ја даде премиерската фотелја без борба (на подарок, значи), но затоа да му ги земе клучните лостови на власта.

И затоа, драги мои, владата што е договорена е влада на ДУИ, со премиер Зоран Заев и со развластен СДСМ. Но, да не се разбереме погрешно, јас мислам дека при вакви околности, една ваква влада е одлично решение за сите. И за Ахмети во улогата на командант од сенка и намесник на нашите западни пријатели. И за Заеви кои ќе си ја задоволат желбата нивната фиданка да се вика премиер и при тоа веројатно ќе си продолжат со остварување на своите познати „хуманитарни активности“. И за ВМРО-ДПМНЕ, партија која мора во опозиција борбено и без калкулации да се подготвува за локалните избори. И секако и за другите албански асови, кои мора да научат дека ако не се дораснати со Заев да се справат, не смеат ни да помислат на Али на мегдан да му излегуваат.

Комплетна контрола врз финансиите и врз економијата

Што ќе значи ова за Македонија? Тоа е веќе потешко прашање…

Заев, како премиер, после тригодишното бламирање со криминални и корупциски скандали, веројатно ќе мора да биде повнимателен. Мислам дека го потроши кредитот и кај странците. На надворешно-политички план, каде што Македонија ќе се соочи со нови предизвици, Заев ќе ги слуша наредбите од Вашингтон и од Брисел и така ќе ги собира и ловориките, ама и кабаетот. ДУИ, како што се дознава, ќе добие екслузивна можност да ја води македонската дипломатија, а со тоа да се промовира и како сериозен полиси мејкер на нашата надворешна политика.

И државната каса ќе биде во рацете на ДУИ. Би се осмелил да кажам дека тоа е добра вест. Ние секогаш сме имале релативно добри чувари на државната каса и на монетарната стабилност, но после фаулот на Заев кон министерот Драган Тевдовски и после изборот на Нина Ангеловска, се стекна впечаток дека постои опасност работите да излезат од контрола. ДУИ сигурно ќе определи човек кој нема лесно да се согласи со нејасните идеолошки определби и особено не со авантуристичките планови на СДСМ за крупни промени во најважната од сите политики, даночната политика. Се спомнува Фатмир Бесими, што е одлично решение. Освен тоа, ако ДУИ го задржи и ресорот економија, како што се шпекулира, тоа значи дека партијата на Ахмети ќе оствари целосна доминација во економскиот сектор. Згора на тоа, не треба да се заборави дека најголем работодавец во Македонија е самата држава, која ангажира многубројна работна сила во јавната администрација. И со овој ресор најверојатно ќе раководи ДУИ.

Бидејќи две од трите клучни позиции во државата сега се „окупирани“ од етнички Македонци – премиерската и претседателската – треба да се очекува Албанец да раководи со парламентот. Во изминатите три години се покажа дека за разлика од порано, улогата собраниски спикер добива на тежина. Патем речено, би се осмелил да кажам дека неподелено е мислењето дека Талат Џафери одлично ја заврши својата работа и дека мачка што лови глувци нема потреба да се менува.

СДСМ да размисли да се реформира

Што му останува на СДСМ? Освен „славата“ Заева?

Ресорите внатрешни работи и правда. Партијата треба на дело да се покаже во борбата со криминалот и со корупцијата, ама сега пред се во сопствените редови. СДСМ веројатно ќе се мачи со коронакризата (велат дека Филипче ќе остане на истата позиција), ќе ги решава проблемите во образованието и можеби ќе уредува и некои други споредни области (земојделието, на пример, не е споредна област, но тоа оди кај Касами). После влезот на Македонија во НАТО, ресорот одбрана е како создаден за политичка пензија и сигурен сум дека многумина на таа позиција ја гледаат досегашната министерка Радмила Шеќеринска. Никола Димитров (кој и не е сдсмовец, да не заборавиме) веројатно помалку ќе се шета и ќе се џилити, бидејќи ќе ги води преговорите со ЕУ, а тоа баш и не е парадна или особено моќна позиција.

Можеби нешто и пропуштам, но општ е впечатокот дека добивката од овие избори за СДСМ како партија е мала, да не речам минорна. И победата со 46 минус 4 мандати не е за фалење, ама не се сеќавам кога во овие три децении СДСМ владеел со помалку значајни ресори. Не знам што мислат Заев и раководните кадри во партијата за ова, но јас ете мислам дека за СДСМ овој исход е здрав. Можеби некој ќе се сети дека СДСМ е тој што треба да се реформира. Пред изборите Заев на сите други им се закануваше дека ќе ги реформира, но сега, вака прописно развластен, можеби ќе дојде време токму СДСМ да почне да се занимава со самиот себе, со проблемот на недостатокот од внатрепартиска демократија и на отсуството на партиски живот воопшто.

А дали Заев ќе почне да размислува и тој малку да се „реформира“?

Да бидам искрен, за мене Заев е одамна прочитана брошурка и не чувствувам потреба да го коментирам. Тој ќе биде легитимен премиер, но со договорот се воведува моќната позиција прв заменик премиер, кој ќе биде од ДУИ. На некој начин, Заев ќе биде принуден власта да ја дели со првиот заменик. Како ќе изгледа тоа во праксата, останува да се види. Знаејќи гио Зорана, јас не сум оптимист дека тоа ќе функционира. Но, ако нешто тргне наопаку, тука е Али Ахмети на Заев да му покаже кој е командантот на бригадата.

Можеби сега некој злобно ќе рече – Зоки го продаде кучата… Не знам, не сакам да бидам малициозен во таа смисла. Оваа куќа, драги мои, е толку руинирана и испоганета, што добро е што воопшто и се нашол купец да ја купи, ако веќе била на продажба. Конечно, па и на прекупецот треба да му се признаат некои вештини што неспорно ги поседува.

Извор: Плусинфо

Leave a Reply

Your email address will not be published.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: