Нема плати за вработените во култура? Синдикатот најававува тужба за доцнењето на плати
Синдикатот за култура и СОНК деновиве испратија до Министерството опомена за тужба поради како што велат, прекршување на одредбите за плата од Колективниот договор потпишан на 30 декември 2019.
“Имено со член 130, одредбите за плата од членови 65 и 66 требаше да стапат на сила најдоцна до 1 јули 2020, а според член 63 платата се исплатува најдоцна до 10-ти во месецот. Иако по состанокот во Владата на 6 јули Министерството за култура на својата веб-страница објави дека ќе ги почитува одредбите и дури испрати и допис до институциите со налог за пресметка на платите согласно колективниот договор, сепак до ден-денешен платата не е исплатена во институциите од културата. Ја известуваме јавноста дека со член 131 од Колективниот договор за култура повеќе не важат одредбите за плата од досегашните колективни договори на ниво на установи така што не постои ниту една друга опција за законска исплата на платите во културата освен во согласност со гранскиот Колективен договор“, велат во соопштението од Синдикатот.
Тие истовремено поставија и рок до 25 август, за исплаќање на јулските плати, во спротивно наведуваат дека ќе започнат со колективен судски спор согласно Законот за работните односи.
Од Министерството за култура пак, вчера за весникот ВЕЧЕР посочија дека интензивно работат на надминување на пречките за примена на Колективниот договор.
“Го разбираме нетрпението на синдикалните организации со кои во изминатиот период имавме конструктивни преговори и по 15 години успеавме да го потпишеме Колективниот договор со што како Министерство ја изразуваме нашата искрена волја и поддршка за унапредување на работничките права во културата. Колективниот договор стапи на сила во јануари, а во делот на платите примената беше одложена за во јули. Во меѓувреме светот и Република Северна Македонија ги зафати здравствена криза која ни донесе многу нови предизвици за спроведување на програмскиот дел, како што е исплатата на платите по новиот Колективен договор. Уверени сме дека деновиве ќе дојдеме до решение кое ќе ги задоволи барањата и можностите на сите вклучени субјекти“, велат од Министерството за култура.