Владата даде согласност „Пошта“ ќе може да соработува со друга банка
Македонска пошта денеска доби зелено светло од Владата да преговара со банките за извршување на платниот промет, кој беше прекинат со пропаѓањето на Еуростандард банка. Ова беше одлучено на денешната владина седница на која точката беше најавена од страна на премиерот Зоран Заев, пред доделувањето на мандатните писма на новите министри.
По одземањето на дозволата на Еуростандард банка со која Пошта имаше ексклузивен 15-годишен договор за вршење на платен промет на дури 300 шалтери низ земјата, поштата ја изгуби можноста да исплаќа пензии, социјална помош но и да врши платен промет, што слествено значеше големи загуби за поштата.
Денес средба во Владата имаше Синдикатот на компанијата од каде што побараа и укажаа дека пролонгирањето на проблемот сериозно го наруши работењето на Пошта. Од синдикатот велат дека околу 2.300 вработени стравуваат за своите плати и работни места.
Директорот на Пошта, Ејуп Ристеми за Сител изјави дека уште утре ќе свика Управен Одбор на кој ќе се дефинираат критериумите за избор и ќе се повикаат сите банките да достават понуди.
IИзвор: Независен.мк