Филипче ги претстави протоколите за работа на градинките: Ќе мери температура на секое дете секој ден, негувателките несмеат заедно во иста просторија…
Министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на заедничка прес конференција ги претставија протоколите за работа на градинките. Претходно беше одлучено дека на 9. септември започнуваат со работа.
Просториите и дворовите редовно ќе се дезинфицираат, а доколку дозволуваат временските услови, се препорачува децата да бидат повеќе во надворешни услови. Секој вработен ќе има лични заштитни средства, и на секое дете ќе му биде мерена температура пред влезот на објектот.
„Не е дозволено собирање и меѓусебни контакти на вработените во заеднички простории. Вработените имаат обврска да го штитат сопственото здравје, и здравјето на децата при прием и за време на престојот. Групите ќе бидат организирани на тој начин што кај категориите до 2 години, ќе има најмногу до шест деца, а кај повозрасните најмногу до 15.
Секое дете ќе има своја постела за спиење, а масите ќе бидат на дистанца од 1,5 метри. Приемот ќе биде на 10 минути со еден родител, кој ќе носи маска.
Доколку некое дете покаже и најмали симптоми, родителите не го носат во градинка, туку го известуваат матичниот педијатар и градинката и се следи неговата состојба“, рече Венко Филипче.
Јагода Шахпаска, пак, рече дека и натаму продолжува да важи правилото еден родител на дете до 10 години да биде ослободен од работа.