ЈО допрва ќе одлучува дали ќе поднесе жалба за скандалозната пресуда за сообраќајката кај Млечен
Кривичниот суд засега без коментар за според многумина скандалозната пресуда на судијката Елена Илиевска Јосифовиќ која досуди само условна казна за возачот кој пред две години со својот џип недозволено преку две полни ленти кај „Млечен“ во Скопје уби 32 годишен човек додека возел мотор со неговата сопруга, која беше тешко повредена и го загуби бебето.
Образложението на судијката било дека возачот на џипот ја признал вината и пред судот не се бранел дека е невин. По лавината негативни реакции кај граѓаните кои револтирани на социјалните мрежи прашуваат колку вреди човечкиот живот кај нас, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев вели дека во моментов не може да ја коментира вчерашната пресуда бидејќи ги нема сите потребни информации врз основа на што се базира оваа одлука на судијката. Најави дека во понеделник ќе ги разгледа сите аргументи за предметот по што ќе излезе со официјална реакција.
Со оглед дека одлуката се уште не е правосилна, сега се чека ОЈО дали ќе се жали до Апелација. Од Обвинителството допрва ќе одлучат дали ќе поднесат жалба за пресудата.
Дел од медиумите посетуваат дека името на оваа судијка во 2017 се најде во Извештајот на Стејт Департментот за состојбите во Македонија, за како што е наведено, политички манипулации со назначувањата во судството, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство. СЈО претходно бараше и изземање на Илиевска-Јосифовиќ од случајот „Трезор“, заради несовесно и нестручно работење но судот ги отфрли наводите како неосновани.