Укинат е 30 дневниот притвор на охридскиот бизнисмен и советник од ДУИ во советот на општина Охрид, Нефи Усени и неговиот брат Ибро.Тие се пуштени со гаранција од 850.000 евра, дознава Алсат.

Ваквата одлука ја донел Кривичниот совет при Основниот суд во Охрид, по што двајцата браќа веќе се на слобода од вчера доцна попладне.
Браќата Усеини се сомничат дека на 18 август 2020 година, околу 11.30 часот, извршиле грубо насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски при што во јавноста, кај присутни гости и вработени во хотелот „Јуник“ каде се случил инцидентот предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Обвинението ги товари браќата Усеини само за кривично дело „насилство“, иако во случајот се водеше истрага и за недозволено поседување оружје.
Нефи Усеини и неговиот брат, по инцидентот шест дена беа недостапни за истражните органи, по што сами се пријавија во охридскиот затвор за издржување на мерката притвор, што претходно им ја одреди Основниот суд Охрид во траење од 8 дена. На 3 септември притворот им беше продолжен за уште 30 дена. По понудената гаранција од 850.000 евра тие се пуштени од притвор и ќе се бранат од слобода.