Владината уредба за задолжително носење маска важи и за сопствениците на возилата за јавен превоз и патниците. СВР Тетово неделава значително ги засили контролите во патничките комбиња и автобуси кои сообраќаат во Тетовскиот и Гостиварскиот регион.

„Од стапувањето во сила на оваа уредба, изготвени се 5.276 поднесоци за некористење заштита за лицето, најмногу во возила, од кои 3.676 на тетовското и 1.600 на поширокото гостиварско подрачје. Секторот за внатрешни работи Тетово им укажува на возачите и на другиот работен персонал во комбињата и автобусите стриктно да се придржуваат до уредбата и да не превезуваат лица без заштитни маски и повеќе од максимално дозволениот број на патници. Во спротивно, возилата ќе бидат исклучувани од сообраќај и ќе им се изготват поднесоци, не само на физички, туку и на правни лица“, изјави портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.