Нелогичноста во Kорона – одлуките на Владата
Засегнатите граѓани се жалат дека ооследните одлуки на Влада поврзани со пандемијата на коронавирусот не кореспондираат со реалната слика во пракса кога збор за градинки, училишта и хронично заболени лица. Властите смируваат дека се преземени сите мерки за заштита од вирусот
Родителите на деца до 10 години, оние на продолжено породилно отсуство, како и хрнично болните треба да се вратат на работа од наредната среда на 23 септември, откако одлуката беше донесена на последната владина седница, што наиде на низа критики протести од засегнатите страни. Оваа група на граѓани од почетокот на прогласување на пандемијата на коронавирусот беа ослободени од работните обврски, бидејќи градинките се затворија, училиштата се префрлија на онлајн настава, а хронично болните се со највисок ризик. Но, едно е нивното донесување, а друго како мерките ќе се спроведуваат и какви последици ќе имаат.
Породилното отсуство прекинато, место во градинки нема
Најзатечени од одлуката се најдоа родителите кои се на продолжено породилно отсуство бидејќи Комисијата за заразни болести препорача тие да останат дома до 31 декември. Но, Владата не ја прифати препораката, бидејќи градинките започнаа со работа на 9 септември. На родителите притоа им се остави простор од само десет дена од донесувањето на одлуката на 14 септември до тргнувањето на работа да се снајдат и да ги запишат своите деца во градинка.
Билјана Темковска е самохран родител и бебето го пријавила во градинка кога наполило три месеци пред да започне пандемијата со цел навремено да му обезбеди место. Кога започнала пандемијата таа отишла уште неколку пати во градинка, каде и ветиле дека кога ќе завршат мерките ќе и завршат работа. Но, кога сега отишла во градинката не ја ни примиле, ниту и одговориле телефонски повици, при што била принудена да бара врски за на крајот да ја известат дека нема место.
„Треба да почнам на работа, ако не го однесам детето во градинка ќе бидам принудена да дадам отказ и ќе бидам на работ на егзистенција, што е реалност. Тоа е значи шокови, стресови. Те одбиваат и само креваат раменици, а никој не ти излага во пресрет. Во ред е што ќе го укинат породилното отсуство. Јас не ни сакам да седам дома. Сакам нормално да функционирам“, вели таа.
И покрај тоа што детето на Темковска треба да има приоритет бидејќи самохран родител, образложението било дека веќе има деца кои почнале да одат во градинка и бројката се пополнила.
Пандемијата е само дополнителен проблем, инаку ситуацијата со градинките и претходно беше таква, а сега уште повеќе дојде до израз, вели Ана Вета, мајка на 15 месечно дете. Таа уште лани во септември побарала место во градинка и и рекле дека нејзиното дете е ставено на листа на чекање и да се обрати повторно во август годинава, бидејќи во групата јасли имало пријавено 45 бебиња, а место имало за 30.
„Уште министерката изјавува дека во градинките има 4000 слободни места. Веројатно она планира ние децата од Скопје во Дебар да ги пратиме во градинка. Еве со што се соочуваме. Одиме во градинка и не не примаат ни на разговор, а не децата да ни ги примат“, вели Вета.
Таа додава дека нема потреба од продолжувањето на породилното бидејќи не сака „преку леб, погача да бара“ и е благодарна што добила плус 6 месеци ослободување од работа, но сега во јасли примаат само 12 деца и е ставена во незавидна позиција, бидејќи за нејзиното дете место нема.
Револтираните од одлуката родителите се организираа преку социјалните мрежи и повикаа на протести, кои ќе се одржат денеска пред Владата од 17 и 30 часот до 19 часот.
Во небрано и родителите на деца до 10 години
На работа треба да се вратат и родителите на деца до 6 години. Тие исто така ќе бидат принудени да ги пратат нивните деца во градинка или да најдат некој да ги чува. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска информираше дека согласно протоколите градинките имаат капацитет за згрижување на 19 илјади деца, а пријавени биле 14.555 деца.
„Од тие причини Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да ги проверат родителите и да утврдат дали тие деца ќе доаѓаат во градинка. Дополнително, приоритет за згрижување во градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна. Простор во градинките има, Протоколот се почитуваа целосно, Министерството и Владата внимателно ја следат работата и затоа работниот процес мора целосно да се врати во нормала“, нагласи Шахпаска.
За децата во јасли и за останатите до 6 години остануваат слободни 4445 места. Според податоците на Државниот завод за статистика вкупниот број на деца во 2019 година во градинките и центри за ран детски развој изнесувал 38. 094. Додека пак претходна 2018 бројката е слична и биле запишани 37.615 деца. Ако се според бројките со изминатите години се доаѓа до заклучокот дека над 20 илјади деца ќе треба да останат дома.
Во меѓувреме во градинката „13 Ноември“ во Центар се појави и прв случај на дете зарзено од Ковид 19. Целата група од јасли кои биле заедно со детето во градинка, како и воспитувачката и негувателката се ставени во самоизолација.
Децата на училиште 2 часа, родителите цел ден на работа
Уредбата за враќање на работа на родителите на деца до 10 години пак беше донесена од Владата на 7 јули, а во образложението се наведе дека причината е оти учебната 2019/2020 година е завршена. Новата учебна година поради пандемијата, почнува еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а со физичко присуство настава ќе посетуваат токму децата од 1 до 3 одделение. Но, Владата крајната одлука дали децата ќе посетуваат таков вид на настава ја остави на родителите. Од една страна Владата им даде избор на родителите дали децата ќе ги пратат на училиште или тие ќе учат од дома, а од друга страна им наложи да се вратат на работа.
Едни од најзасегнатите се самохраните родители. Дороти Пачкова од организацијата на самохрани мајки „Една може“ вели дека може да се донесе одлука за сите, бидејќи со такво генерализирање во 21 век носи кон стигма, дискриминација и нарушување на човекови права.
„Самохраните родители не е возможно на две места во истовреме да бидат заради тоа што ако тргнат на работа од 23 септември, наредните 7 дена до 1 октомври што ќе се случува со децата. Што ќе се случува со децата кои треба да тргнат на училиште од 1 октомври од 8:30 до 10: 30 часот. Доколку самохраните родители тргнат на работа, како ќе извдат да бидат од 7 и пол до 8 и пол на работа, кој ќе ги однесе на училиште. Потоа се наметнува прашањето кој ќе ги земе од училиште и со кого тие деца ќе седат дома до завршување на работното време“, вели таа.
- Од 1100 училишта само 36 поднеле барање за настава во живо
Шахпаска пак одлуката ја бранеше со фактот дека овие родители веќе се активни во работниот процес и кога не работеле градинките и училиштата. Но, на некој начин и призна дека одлуката е донесена поради друга причина.
„Нагласувам дека ние како Влада будно ги следиме состојбите и сите одлуки ги носиме врз основа на темелна анализа, со вклучување на повеќе ресорни министерства, со сите чинители на општеството. Државата мора да функционира, системот треба да работи, економијата мора да се движи“, додаде министерката Шахпаска.