(Видео)Четири денари за килограм грозје е потценување на трудот и маката на лозарите, Трипуновски алармираше за проблемите со откупот уште во февруари
Ситуацијата со откупот на грозјето е алармантна. Сезоната на откуп на грозје веќе е во завршна фаза, а повеќе од половина од грозјето се уште не е откупено. Откуп нема, а на неколку места на кои што се откупува откупната цена е по мизерни два до четири денари, изјави денеска Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Лозарите од Тиквешијата, посочи тој, се соочуваат со најлошата откупна година во последните декади, а цената која им се нуди за килограм грозје не е доволна ниту да ги покрие основните производствени трошоци.
– Дали ова е решението кое Заев им го понуди на лозарите пред две недели?! Ова е кантарната белешка од која се гледа дека сега грозјето се откупува и по четири денари за килограм! Тоа се пари со кои што не може да се платат ниту работници, а не нешто да се заработи. Ова е класично потценување на трудот и маката на лозарите, изјави на денешната прес-конференција Трипуновси.
За проблемот со откупот, посочи тој, алармирав уште во февруари, а државата преку МЗШВ не се потруди ниту да најде пласман, туку напротив игнорантски се постави кон лозарите.