Фалсификувал дозвола за движење за време на „полициски час“
Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје против С.М.(42) од Скопје, поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија и фалсификување исправа, а во врска со кривично дело посебни случаи на фалсификување исправи, против Х.Р.(37) од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластување и против М.Н.(19) од Скопје, поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Првопријавениот С.М., во својство на неовластено лице во правно лице од Скопје, во кое сопственик и управител е второпријавената Х.Р., инаку брачен другар на првопријавениот, во период на постоење на вонредна состојба, забрана и посебен режим на движење на територијата на целата држава, на третопријавениот М.Н. му овозможил непречено движење на територијата на Град Скопје и околните општини.
Тој, иако знаел дека не е овластен во правното лице да издава дозвола за движење на вработени, со својот потпис и со неовластена употреба на вистинскиот печат од правното лице, заверил и издал дозвола за движење на вработен, поради вршење на сменска и ноќна работа, а печатот му бил овозможен да го користи од страна на второпријавената.
Третопријавениот се движел на подрачје на Град Скопје, при што на 7.6.2020 бил сопрен и контролиран од полициски службеници, а како доказ дека легално се движи и дека поседува дозвола за движење на увид им ја приложил дозвола за движење поради вршење на сменска и ноќна работа.