Вицепремиерот Љупчо Николовски најави: Директорите назначени од Владата ќе се бираат преку конкурси
Директорите назначени од Владата и членови на разни државни тела ќе бидат избрани преку конкурси, иако тоа не е законска обврска за нив. Ова за вицепремиерот Љупчо Николовски е прв чекор од каде да започнат ветените системски промени во борбата против корупцијата и управувањето со човечките ресурси во јавните институции.
Според Николовски, ова е можност да се вклучат лица со капацитет во институциите. Сепак, некои од имињата на директори кои се очекува да бидат назначени веќе се објавени од партиите или медиумите, без да поминат низ јавен конкурс и без формирање на кое било владино тело за проценка на нивниот интегритет и кредибилитет.
Премиерот Зоран Заев најави дека постапката за именување директори ќе се одвива од 1 – ви до 20 – ти октомври, со што се стеснува временската рамка за спроведување на евентуалните конкурси најавени од Николовски.
Вицепремиерот најави системски промени за ефикасност во борбата против корупцијата и управувањето со човечките ресурси. Сепак, тој сега вели дека треба да ги оптимизираме очекувањата во однос на периодот на спроведување на овие промени. Според Николовски, не може да се прават никакви промени во рок од неколку недели, месеци или години, за практики што се изградени од три децении.
Тим професионалци од различни области ќе ја анализираат работата на институциите и службениците и ќе предложат конкретни законски или системски промени за постепено искоренување на злоупотребите, потеклото на имотот, дискреционите права, партизацијата на институциите и корупцијата. Вицепремиерот Николовски и министерот за правда Маричиќ го коментираа последниот извештај на ГРЕКО, во кој беше забележан напредок во борбата против корупцијата во земјава.