Четвртиот пакет мерки наменет за поддршка за најпогодените сектори и граѓани – ЕВЕ ШТО ЌЕ ОПФАТИ
Четвртиот пакет економски мерки ќе биде продолжение на претходните три пакети и опфатот во овој пакет да биде насочен кон поддршка и помош на најпогодените сектори и категории на граѓани, појасни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) во Владата. Пакетот е тежок 350 милиони евра.
„Четвртиот пакет економски мерки опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал на годината, платежни картички за одредени категории на граѓани на кои помошта им е најпотребна, грантови за најпогодените сектори, намалување или укинување на парафискални давачки, зголемување на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД 1 и дополнително одложување на отплата на кредитите од компаниите“, рече Битиќи при презентирањето на мерките од четвртиот пакет мерки за поддршка на компаниите и граѓаните креирани со цел ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19.
Од страна на членовите на Економско-социјалниот совет, информираат од владината прес-служба, било констатирано дека четвртиот пакет економски мерки е доста обемен, со оглед на тоа дека се опфатени и компаниите со цел поддршка за нивни опстанок во време на корона пандемијата, задржување на работните места и поддршка на граѓаните и дека вклучува поддршка и помош за најпогодените сектори и категории на граѓани.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека мерките се однесуваат на период до крајот на годината и оти дел ќе се носат преку одлуки на Влада, а еден дел треба да поминат во Собранието. Засега мерките се предвидени за до крајот на годината, а за нови ќе се разговара во декември.