fbpx

Објектив

Погледни подобро

Владата го усвои четвртиот сет антикризни мерки: 470 милиони евра за картички за сиромашните, плати за вработените, поволни кредити за фирмите…

Државата ќе ги субвенционира платите за октомври, ноември и декември на фирмите кои се погодени од кризата. Поддршката ќе биде скалеста – колку е поголем падот на приходите толку поголема ќе биде поддршката и ќе се движи од 14.500 до 21.776 денари по вработен. Ќе бидат поддржани 250 илјади работни места. Владата ќе даде домашни платежни картички на 280 илјади граѓани во вкупна вредност од 27,6 милиони евра. По шест илјади денари на картичка ќе добијат пензионери, студенти, самохрани родители и пасивни баратели на работа…

Вкупно 31 мерка содржи четвртиот пакет антикризни мерки што денеска го усвои Владата. Според премиерот Зоран Заев со него не е изоставен ниту еден граѓанин или компанија погодени од кризата, кои ќе се поддржат со вкупно 470 милиони евра.
Во овој пакет повторно има поддршка за исплата на плати на вработените, но овој пат сумата од 14.500 ќе биде најниската и ќе се движи до 21.776 денари по работник, во зависност од тоа колкав е падот на приходите на компанијата. Поддршката ќе се дава за октомври, ноември и декември.

-СО ОВА ТРЕБА ДА СЕ ПОДДРЖАТ 250.000 РАБОТНИ МЕСТА СО 70 МИЛИОНИ ЕВРА. КОМПАНИИТЕ ТРЕБА ДА АПЛИЦИРААТ ЗА МЕРКАТА, А УСЛОВ Е ДА ГИ ЗАДРЖАТ ВРАБОТЕНИТЕ ДО 31 ЈУЛИ 2021 ГОДИ. ОВАА МЕРКА Е И ЗА ТРГОВЦИ ПОЕДИНЦИ, ЗАНАЕТЧИИ, ЛИЦА КОИ ВРШАТ ДРУГИ УСЛУГИ, РЕЧЕ ЗАЕВ НА ДЕНЕШНАТА  ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА КОЈА ГИ ПРЕТСТАВИ МЕРКИТЕ.

И во овој пакет има домашни платежни картички и тоа со 6.000 денари за 5.726 самохрани родители, 182.271 пензионер со пензија до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници, филмски и културни работници и естрадни уметници. Картички ќе добијат и 540 студенти кои не ги добија од претходниот пакет, навремено реагираа за тоа. Предвидени се 44 милиони денари поддршка на ученичкиот и студентскиот стандард за 2020 година за 884 студенти и 347 ученици. Има помош и за граѓани над 64 години кои немаат пензија, ни социјална пензија, а се со приход под 15.000 денари или без никаков приход.

Третата презентирана мерка е за компаниите. Оние кои користат евтини кредити преку Развојната банка од линијата Ковид 1 добиваат дополнителни три месеци грејс-период.

Со четвртата мерка се предвидени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојна банка преку Европската инвестициска банка, кои ќе се пласираат во јануари 2021 преку деловните банки со исклучително ниска камата.

За октомври, ноември и декември 50 регистрирани туристички водичи ќе добијат минимална бруто-плата од 21.776 денари.

И следната мерка е за поддршка на компаниите од туризмот. Оние кои организираат ноќевања ќе си ја добијат назад туристичката такса што ја уплатиле за 2019 година. Со тоа 4.740 субјекти ќе добијат назад вкупно два милиона евра.

Исто така, има и грантови за туристичките агенции. Вкупно 500 туристички агенции ќе добијат од 3.000 до 7.000 евра во зависност колку вработени имаат, колкав им бил прометот лани и дали имаат А или Б лиценца. Поддршката вреди вкупно 1,9 милиони евра.

Една од мерките е намалување или укинување на парафискалните давачки. Заев најави дека многу скоро со стопанските комори ќе се утврди листата на парафискалните давачки што треба да се намалат или укинат.

Вкупно една милијарда евра се предвидени за грантови за рестораните за свадби. Регистрираните ќе добијат од 3.000 до 10.000 евра, а се отвора можност нерегистрираните да се регистрираат за да ги добијат парите.

На околу 120 компании кои имаат дискотеки и ноќни клубови и на 7.000 транспортери лиценците ќе им се продолжат и следната година, кога за нив нема да плаќаат, а транспортните компании добиваат и една година плус.

Со мерките се опфатени и игротеките кои поради кризата се затворени и не остваруваат приходи. За околу 1.000 игротеки се предвидени грантови од 1.000 до 5.000 евра, за што вкупно ќе се потрошат 2,5 мил евра.

Со овој пакет ќе се активира и мерка државна кредитна гаранција. Со 10 милиони евра државата ќе гарантира враќање на кредити од 65 милиони евра. Има и државна царинска гаранција за поддршка на извоз за што се предвидени три милиони евра.

Исто така, отплатата на кредитите за фирмите се одложува до крајот на годинава, а во тој период се намалува и казнената камата за јавните давачки за половина, од 0,03 проценти, на 0,015 проценти. За компании со пад на приходи поголем од 40 отсто предвидено е одложување на плаќањето аконтации на данок на добивка до март 2021 година, а за уште 12 месеци се продолжува мерката ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер.

За ресторанските услуги и служење храна и пијалаци наместо сегашните 18 и пет проценти се воведува единствена стапка на ДДВ од 10 проценти од 1 јануари наредната година, а на сите погодени од кризата ќе им се овозможи одложено плаќање ДДВ седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.

Регистрираните сметководители не треба да собираат поени од усовршување за продолжување на лиценцата во 2020 година. Со ова ќе бидат опфатени 9.360 регистрирани сметководители.

Се укинува обврската од Законот за данок на добивка за покривање загуби на товар на идни добивки, а прагот компаниите да одлучат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режимот на данок на вкупен приход од еден процент, се поместува  на приход од пет милиони и еден денар и 10 мил денари. Со ова на располагање ќе им останат 1,115 милиони евра.

Владата во овој пакет вклучи и како признаен расход да бидат трошокот за приватно здравствено осигурување и расходите за тестирање од ковид-19.

Компаниите ќе се поттикнат и со намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали, вклучувајќи го и природниот гас

Како поддршка за развој на човечкиот капитал се предвидува ослободување од данок на добивка и на личен доход за доквалификација и тим билдинг, со пропишан лимит, на пример една просечна плата на годишно ниво.

За лозарите има поддршка за откуп на грозје од реколтата 2020 година со 6,7 милиони евра, и други стимулации за нив и за откупувачите и извозниците.

Бидејќи приредувачите на игри на среќа мора да работат со една третина од капацитетот, се ослободуваат од две третини од законски предвидениот надоместок.

Помош има и за општините, при реалокација на средства нема да се сметаат приходите од ДДВ за последната година, туку за три години.

Спиред премиерот Заев, заедно со сите четири сета мерки во борба против ковид кризата ќе се вложи една милијарда евра.

Продолжениот викенд за 11 октомври – викенд без ДДВ

Една од мерките од четвртиот пакет е реализирање на нереализираниот викенд без ДДВ. Според премиерот Зоран Заев планиран е за празничниот викенд – 10-ти, 11-ти и 12-ти октомври.

Во двата работни дена од продолжениот викенд корисниците на апликацијата МојДДВ ќе може да купуваат домашни производи и услуги и компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари. Платениот ДДВ на овие сметки секој граѓанин ќе го добие назад во рок од неколку дена.

-Оваа мерка треба да опфати над 350 илјади граѓани, а јас лично се надевам и до 500 илјади. Се проектира да се направи вкупен промет од над 170 до 250 милиони евра, пари кои ќе бидат инјекција за стопанството, а на граѓаните ќе им се вратат од 17 милиони до 22,5 милиони евра, рече Заев и ги охрабри трговците кои досега во фискалните каси не го раздвоиле прометот со домашни и странски производи да го направат тоа, затоа што не чини ништо.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: