Мицкоски: Доколку се одржи вонреден конгрес нема да се кандидирам за претседателската функција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ изјави дека доколку се одржи вонреден конгрес на партијата, тој нема ниту да се кандидира за претседателската функција.
Тој се осврна и на антикризните мерки и рече дека Владата на Зоран Заев не им помогнала на граѓаните со милијарда евра, како што вели, туку таа помош е многу помала.
Според Мицкоски, сето она што беше соопштено на прес-конференција од страна на Заев мора да биде испорачано, затоа што, потенцира, испораката е многу важна.
Ние можеме да си кажуваме многу работи, подвлече тој, но доколку испораката изостане, тогаш попусто било тоа што сме го говореле.
Тој посочи дека итно треба да се реализираат капиталните инвестиции и да се намалат непродуктивните трошоци.