КАПАЦИТЕТОТ НА ИНФЕКТИВНИТЕ ОДДЕЛЕНИЈА Е ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА
Во главната Инфективна клиника во Скопје слободни легла нема. Оттаму велат дека пополнети се 95 кревети, а бидејќи повеќе нема каде, монтажната болница, веројатно, уште денеска ќе го прими и првиот пациент сезонава.
Доколку и овие кревети не бидат доволни, „товарот“ ќе падне на Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“. Ваквото црно сценарио е возможно, и тоа за краток временски период, ако граѓаните не се заштитуваат, а вирусот продолжи да се шири со исто темпо, вели Д-р Анѓелчо Андоновски.
Помеѓу здравствените установи во внатрешноста, најмногу загрижува ситуацијата со струмичката болница. Директорот Наќе Гогов за Канал 5 појаснува дека и хируршките одделенија се полни со пациенти заразени со коронавирусот.
Во борба за спас на живот повеќе, од болницата на помош повикале и специјализанти, но, најмногу им требаат лекари инфектолози. Преку системот за ротација, очекуваат двајца лекари, но и со нив, нема да се реши проблемот, вели Д-р Гогов.
Проблемите не се поразлични ниту во останатите градови, па во прилепската болница, освен недостаток на кадар, а и пополнетост на капацитетите, алармираа оти немаат доволно кислородни боци. Оттаму постојано посочуваат дека освен систем за кислородна поддршка, од помош ќе им биде и монтажна болница, за да можат да згрижуваат поголем број на пациенти.
Планот на здравствените власти до октомври во 16 општини низ земјава да има регионални привремени „ковид-центри“ пропадна, а засега постапката за изградба не е ниту започната.