МИЈАЛКОВ Е ПОЗИТИВЕН НА КОВИД – 19
Поранешниот директор на УБК и обвинет во неколку случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство е позитивен на Ковид-19.
Неговиот адвокат Љупчо Шврговски потврди дека на Мијалков му било соопштено дека неговиот тест е позитивен, но се уште немал добиено решение. Шврговски не знаеше како ќе биде третиран Мијалков дали болнички или во домашни услови. Се заразил од својата сопруга Александра Мијалкова која била позитивна на Ковид -19, а од вчера Мијалков имал покачена температура и сува кашлица.
Шврговски вели дека тие како негови адвокати иако контактирале со него нема да одат во изолација бидејќи комуницирале на дистанца, а Мијалков постојано носел маска. -Тој беше особено внимателен постојано одржуваше дистанца и носеше маска, мислам дека нема да има потреба да одиме во изолација, вели Шврговски.
Неофицијално, позитивен на корона е уште еден адвокат на обвинети во случаи на Специјалното јавно обвинителство. Денешното рочиште за масовното прислушување за кое е обвинет Мијалков беше одложено поради неговите симптоми на корона.