ЕВРОПА ГИ ЗАОСТРУВА РЕСТРИКЦИИТЕ
Светската здравствена организација предупреди дека строгите рестрикции се апсолутно неопходни за спасување на животите.
Од Сабота секое дружење во затворен простор ќе биде забрането во Лондон, додека полициски час ќе биде повторно воведен во 9 градови во Франција.
Полска, која се соочува со над 8 000 нови случаи дневно, со соочува со голем број случаи во урбаните средини, каде владата ги затвори и училиштата, баровите и фитнес центрите.
Листата на поголемите населени места кои ќе станат дел од таканаречената црвена листа со остри рестрикции, дополнително ќе се проширува а забрзано се градат и нови монтажни болници за заразените со Ковид 19.
Во јужниот италијански регион, Кампања, вклучувајќи го и Неапол, две недели ќе бидат затворени училиштата. Пандемијата е во подем и во првото големо европско жариште на корона вирусот – северна Италија.
Ломбардија повторно е на прво место по бројот на случаи во државата а корона вирусот пребргу се враќа за оние кои го носеа најголемиот товар во март и април – медицинските работници.
Добра вест за Италија е се уште релативно нискиот број на смртни случаи, 80-тина дневно, драстично помал од околу 1000 дневно во пикот на пандемијата во март.
Светската здравствена организација потврди дека бројот на смртните случаи од Ковид 19 во моментов е околу 5 пати помал од пикот на пандемијата, пред се затоа што најголем процент од новите случаи се младите луѓе, но доколку не се делува бргу, ситуацијата може драстично да се влоши.
Во Брисел, денеска се самоизолираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откако член на нејзиниот кабинет добил позитивен тест. Иако таа имала негативен тест, сепак ќе се самоизолира како мерка на претпазливост.