ЌE СНОСАТ ЛИ ОДГОВОРНОСТ ГАЗДИТЕ КОИ ЗЕМАА СУБВЕНЦИИ, А НЕ ДАДОА ПЛАТИ?!
Се уште нема одлука дали ќе има кривична одговорност за газдите на фирмите кои пролетва земаа државна помош, а не им исплатија плати на вработените. Од Обвинителството постапуваат по пријавите доставени од Владата. Од УЈП велат дека дел од фирмите добиле опомена, а дел решенија за присилна наплата
Според обработените податоци на Управата за јавни приходи до денеска, вкупно 187 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за исплата на плати за април, мај и јуни 2020 година, всушност не исплатиле плати за некој од тие месеци, односно некои не исплатиле плата само за еден, некои за два, а некои за сите 3 месеци.
Во рамките на законски утврдените надлежности, од Управата за јавни приходи прво извршиле опоменување на тие фирми, а потоа до носителите на платен промет доставиле и решенија за присилна наплата на неплатен долг по месечните пресметки за интегрирана наплата.
Работодавачите кои примиле финансиска поддршка за исплата на плати, а се уште имаат неисплатени плати за некој од месеците април, мај и јуни, најмногу се од секторот трговија на мало, освен трговија со моторни возила и мотицикли (35 работодавачи), потоа следува секторот дејности за подготовка на оброци и служење на храна (27 работодавачи) и секторите копнен и цевоводен транспорт и специјализирани градежни дејности (по 8 работодавачи).
Обвинителството за организиран криминал и корупција постапува по кривичните пријави за фирмите кои пролетва добија државна помош, а притоа не им исплатија плати на своите вработени. Кривичните пријави ги најави Владата, а потоа до Обвинителството ги поднесе Генералниот секретаријат на РСМ.