ПОЛИЦИЈАТА ЗАТЕКНАЛА 120 ГОСТИ ВО ГОСТИВАРСКО ДОБРИДОЛ – ЛОКАЛОТ Е ЗАТВОРЕН
Наспроти забраната за организирање свадби, семејство во гостиварското село Добри Дол сепак се одлучило за веселба.
Повикале 120 гости да го прослават идниот заеднички живот на младоженците и покрај тоа што на сила се мерките против ширењето на корона вирусот во период кога земјава почна да бележи и над илјада заразени дневно. Објектот во кој се одржувала свадбата е затворен по интервенција на полицијата и инспектори на ДПИ.
Клуч на врата вчера добија и две кафулиња во скопските населби Гази Баба и Аеродром. Полицијата и инспекторите ги затекнале како работат после дозволеното работно време и со број на гости кој ги надминувал ограничувањата. Со засилено темпо продолжуваат контролите на инспекторите и во следниот период.
- Од 29.10.2020 извршени се вкупно 2797 контроли и 137 вонредни инспекциски надзори во угостителски објекти на територијата на целата држава. Констатирани се неправилности во угостителски објекти во Гостивар, Куманово, два во Скопје и еден во Добри Дол. Сите се испразнети со забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена.-ДПИ.
Инспекторите добија овластувања на лице место да затвораат објекти десетина дена по новите ограничувања на угостителските објекти да работат до 23 часот. Со зголемените надлежности инспекторатот се засилува и со кадри. Во меѓувреме првиот човек на ДПИ Стојко Пауновски останува на лекување во домашни услови откако добил позитивен тест на корона вирусот. “Немам никакви симптоми и веќе сум во домашна изолација”, напиша Пауновски на својот фејсбук профил.