ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА ПЛАЌА ОШТЕТА ЗАРАДИ СУДИЈКАТА ШТО СЕ ПЛАШЕШЕ ДА ГО ВИКНЕ ГРУЕВСКИ ДА СВЕДОЧИ И ГО ОСУДИ КОЛУМНИСТОТ ШТО ПИШУВАЛ ПРОТИВ ЛАТАС
Новинарот Никола Гелевски беше осуден од страна на судијката Љубинка Башевска од Основниот кривичен суд Скопје за колумна против новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас што ја напишал во 2009 година во „Утрински весник“ за време на режимот на Никола Груевски.
Башевска е судијката која беше една од најблиските соработници на експретседателот на Основниот кривичен суд Владимир Панчевски, таа која го водеше измислениот случај „Пуч“ дека прислушувале странци со жолти комбиња и една година не даваше да дојде Никола Груевски да сведочи и да го објасни тоа, на барање на СЈО.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3.000 евра на поранешниот колумнист во „Утрински весник“ Никола Гелевски.
Пресудата од Стразбур е поради повредено право на слобода на изразување на Гелевски. Ова уставно загарантирано право на Гелевски му го повредиле првостепениот, Апелациониот суд, но и Уставниот суд, бидејќи и таму поднел претставка против пресудите против него, а по тужба за клевета од тогашниот бизнисмен и новинар Драган Павловиќ-Латас.
Откако Башевска го осудила новинарот тужен од Павловиќ, тој се жалел, но пресудата ја потврдиле три судијки во совет во Апелациониот суд Скопје. Неофицијално, едната е во пензија, другата суди прекршоци во истиот суд, третата е унапредена во кариерата. Со сегашните заострени и изменети закони за судови и за Судски совет, Башевска и двете колешки би можеле да бидат веднаш разрешени од Судскиот совет, зашто сега основ за разрешување на судија е ако му падне пресуда пред Стразбур.
Во 2009 година тогашниот главен уредник на телевизија „Сител“ и поранешен главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ-Латас, покренал судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст, „Мегафоните од фиреровиот сокак“, објавен на 31 март 2009 година во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства и го тужел.
Судскиот процес траел околу една година, а Павловиќ, пред македонските судови, во време на Груевски, ја добил приватната тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнистот Гелевски.
Тогаш многумина граѓани, интелектуалци и политичари го тужеа Павловиќ за навреда и клевета, но ниеден судски курир не можеше да го пронајде и да му врачи судска покана.
Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски поднел тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист.