ОД ДЕНЕС НАМАЛУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ ТАКСИ
Маричиќ на денешната прес-конференција информираше дека: „Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот“.
Свесни бевме, додаде тој, дека судските такси беа високи, а луѓето на кои им беше потребна правда, многу пати се откажуваа да ја бараат во судниците.
„Тоа сега се надевам ќе се промени, бидејќи правдата станува подостапна за сите“, рече Маричиќ.
Придобивките ги објасни со пример како би изгледало тоа во пракса. Ако се тужи на пример, осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од три милиони денари, судската такса која треба да се плати е два отсто од вредноста на спорот. Значи, во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го даде максималниот износ од 48.000 денари, а сега според донесените измени давачката ќе биде само 6.000 денари, односно осум пати помалку.
„Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редовни и вонредни правни лекови, по старата тарифа за истиот спор ќе платевте вкупно 288.000 денари (тужба два отсто, одлука два отсто, жалба четири отсто, ревизија четири отсто). По новата судска такса, најмногу може да потрошите вкупно 36.000 денари или 252.000 помалку, доколку се жалите“, појасни Маричиќ.
Тој посочи и еден пример кога се работи за долг од 15.000 евра или околу 930.000 илјади денари.
„Почнувате парнична постапка на суд, а судската такса е 2 отсто од вредноста на спорот. По старата такса, треба да платите 18.600 денари судска такса, а по новата, ќе платите само 6.000 денари. Очекуваме ваквите промени да бидат во интерес и на адвокатите и вештаците, бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени по судски пат да стигнат до правдата“, рече Маричиќ.
Овие промени, како што кажа, се и во духот на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата.