fbpx

Објектив

Погледни подобро

МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ОСВОИ НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР РЕЖИСЕР НА ФЕСТИВАЛОТ РЕЈНДЕНС ВО ЛОНДОН

Наградата за Најдобар режисер на 28. фестивал Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот, ја освои Милчо Манчевски каде неговиот филм „Врба“ ја имаше британската премиера. На денешната онлајн церемонија на доделувањето, Манчевски им ја посвети оваа награда на двете британски продуцентски легенди, Сајмон Пери кој беше најзаслужен за неговото деби „Пред дождот“, и на покојниот Ник Пауел кој стои зад „Врба“.

Жирито предводено од оскаровецот Џереми Ајронс ги додели наградите во 8 категории, а „Врба“ имаше номинации за најдобар филм и за најдобар режисер.

Ова е трето признание а „Врба“ за 2 недели, откако минатата недела при шпанската и американската премиера ги освои престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД.

Наградата за Најдобар филм на Рејнденс ја освои финскиот „Сила на навика“ на колектив од седум режисери.

Британската премиера на „Врба“ на Рејнденс беше на 5 ноември во селекцијата Женски поглед. Организаторот на фестивалот го издвои „Врба“ како еден од хитовите на програмата. Поради пандемијата на ковид-19, 28-от Рејнденс годинава се одржа во хибридна форма, и онлајн и во живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери. Победата во конкуренцијата за краток филм на Рејнденс исто така носи и квалификација за Оскар и за наградите БАФТА.

„За една година од светската премиера на Римскиот филмски фестивал, „Врба“ освои вкупно 5 награди, постигна рекорди во кино и тв прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, над 20 фестивали на четири континенти, а филмот го продолжува фестивалскиот поход со несмалено темпо што времено беше запрено поради ковид-19 пандемијата. Исто така, се очекува наскоро „Врба“ да се врати и во македонските кина, како дел од програмата на кино Синеплекс во Скопје“, велат од продукцијата.

Пред две недели, продукцијата најави и дека новиот филм на Манчевски „Кајмак“ доби поддршка и од данската држава – од Данскиот филмски институт, а дански продуцент на филмот е славната Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите ‘Меланхолија’ и ‘Антихрист’ на Ларс фон Трир, на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера’ и на ‘Сопругата’ за кој Глен Клоус доби номинација за Оскар, како и на хит сериите ‘Премиерката’ и ‘Рагнарок’. „Кајмак“ е поддржан со 500.000 евра во првиот рок на одлучување на конкурсот на Агенцијата за филм, како проект со мнозински македонски удел, а во него се активни продуценти од дури осум држави: Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Полска, Унгарија, Албанија и Словенија.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на:


Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/grommk/public_html/objektiv.com.mk/wp-includes/functions.php on line 5279

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/grommk/public_html/objektiv.com.mk/wp-content/plugins/really-simple-ssl/class-mixed-content-fixer.php on line 107