Жителите на Визбегово: Вода нема, а сметки стигаат – Водовод: Имавте вода, треба да си ги платите сметките
Ги земаа сметките за вода и се собраа сред населба.
Ова се жителите од населбата Визбегово, кои велат дека иако не користеле вода, сепак им стигале сметки. Раскажуваат дека со години нивната населба нема вода за пиење и дека се пожалиле и во „Водовод“ за високите сметки кои им стигаат за вода која не ја користат.
„Воопшто немаме вода, не дека не ја користиме, туку немаме капка вода. Од 2006 до 2016 оваа населба немаше капка вода. Ја направија годишната пресметка и ни испратија паушални сметки, не дојдоа ниту да ја измерат потрошената вода“, вели жителот Муса Фера.
„Ова се фактите на „Водовод“ од каде рекоа – овие луѓе користат бунари. Тоа се нивни факти“, додава жителот Муса Фера.
И Хајредин Камбери од населбата 37 во Визбегово, вели дека се пожалил во „Водовод“, но дека досега не им било понудено никакво решение.
Хајредин Камбери: Долгот е околу 2-3 илјади евра. Има домаќинства во населбата и со по 3-4 илјади евра.
ТВ21: Колку куќи има?
Х.К.: Околу 130 куќи само во оваа населба. Немавме вода или течеше по малку, населбата не беше снабдена со вода.
Зоран Недевски, раководител на Секторот за наплата при ЈП „Водовод“ вели дека долгот мора да се плати. Уверува дека жителите имаат вода уште од 2000 година и додава дека на жителите кои користеле вода од бунар нема да им биде наплатена водата, но, како што вели, мора да платат за канализацијата која ја користеле.
Извршителот на жителите им дал рок од 10 дена да го подмират заостанатиот долг, но тие велат дека ќе ангажираат адвокат и дека ќе продолжат да се жалат на високите сметки.