ЗАХАРИЕВА: ПРИФАЌАМЕ ОДГОВОРНОСТ ЗА БЛОКАДАТА
Нашите услови не се сменети повеќе години и ние сме подготвени да ја понесеме одговорноста за блокадата на Македонија, изјави шефицата на дипломатијата на Бугарија Екатерина Захариева. Таа посочи дека македонската страна дека се обидува да ги заобиколи точките од договорот и притоа обвини дека во Македонија се користи говор на омраза, а во јавноста имало 10 илјади публикации против Бугарија.
„Да, ќе ја понесеме одговорноста. Ние сме навикнати да носиме одговорност и јас многу би сакала и колегите во Скопје да ја понесат одговорноста затоа што фактот дека имаме германското претседателство во моментов и Германија е една од државите основачи, нема многу такви, треба да се подвлече кои што го поддржуваат проширувањето, особено на земјите од Западен Балкан и мислам дека е шанса која што Скопје не смее да ја пропушти“, вели Екатерина Захариева.
Османи истакна дека правата што произлегуваат од самоопределување е суверено право на државите и тоа не се прашања кои се регулираат во билатералните односи. Сепак истакна дека е оптимист дека ќе се најде решение. Потенцира дека Договорот меѓу двете земји е одлична рамка за надминување на разликите, а историските прашања да ги решаваат историчарите.
„Да продолжиме да го почитуваме договорот и инструментите на Договорот кој што јасно предвидува дека историјата ќе биде оставена на историчарите на академиците и тие треба да продолжат да најдат заеднички точки кои што ќе не спојат за да ни обезбедат посветла иднина на сите граѓани во регионот. Јас сум охрабрен од последните изјави на Република Бугарија во однос на правото на самоопределување“, посочува Бујар Османи.
На виртуелниот состанок на министрите за надворешни работи учествуваше и германскиот шеф на дипломатијата Хајко Маас кој рече дека се надева двете земји да постигнат решение , но доколку тоа не се случи, тогаш процесот на проширување ќе се соочи со тешкотии. По денешниот состанок на министрите утре на самитот на Берлинскиот процес во Софија, покрај Заев и Борисов ќе се вклучи и германската канцеларка Ангела Меркел.