fbpx

Објектив

Погледни подобро

Палестинскиот лидер Махмуд Абас со апел до новиот претседател на САД: Исправете ја грешката на Трамп со амбасадата

Претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас, вчера го повика самопрогласениот новоизбран претседател Џо Бајден на зајакнување на палестинско-американските односи, а висок извор го цитираше тоа како барање за повлекување на одлуката за преместување на амбасадата на САД.

„ Со нетрпение очекувам да соработувам со новоизбраниот претседател Џо Бајден и неговата администрација на зајакнување на палестинско-американските односи и постигнување слобода и независност, правда и достоинство за нашиот народ, како и работа за мир, стабилност и безбедност за сите во нашиот регион и во светот “, вели Абас во изјавата.

Палестинскиот амбасадор во Велика Британија, Хусам Зомлот, кој претходно беше амбасадор во Вашингтон сè додека администрацијата на Трамп не го протера и не ја затвори дипломатската мисија во Вашингтон, ги поздрави историските и инспиративни избори во САД.

„ Ја чувствувам возбудата на оние кои се стремат кон праведен и траен мир во Палестина. Ангажманот заснован на меѓусебно почитување, слобода, правда и еднаквост мора да биде патот напред “, напиша Зомлот на Твитер.

Премиерот на ПС, Мохамад Штајех, рече дека Абас е подготвен за непосреден ангажман со САД ако им бидат исполнети условите. Тој подоцна додаде дека се надева оти транзициониот тим на Бајден ќе ја стави палестинската кауза на „нивната листа на приоритети“.

„ Очекуваме конструктивни билатерални односи меѓу САД и Палестинците кон постигнување праведен и траен мир во рамките на две држави и ставање крај на израелската окупација. Претседателот Махмуд Абас е подготвен за непосреден ангажман кога има партнер и сериозен процес со јасни задачи “, рече Штајех.

Израелскиот дневен весник „Хајом“ цитираше неименуван висок функционер од канцеларијата на Абас, кој изразил загриженост дека Бајден ќе биде премногу произраелски настроен.

„ Тој е ветеран на Демократската партија и му припаѓа на крило на Демократската партија што гледа на Израел како на предност, а не како на товар“, изјави изворот за весникот.

Според него, Абас може да биде еден од првите арапски лидери што се сретнал со Бајден и ќе побара тој веднаш да го повлече признавањето на Ерусалим како израелска престолнина од страна на Трамп и последователното преселување на амбасадата таму.

Блискиот помошник на Абас, Набил Шаат, рече дека ПС исто така ќе побара од САД повторно да ја отворат дипломатската мисија во Вашингтон, како и да ја обноват американската помош за Палестинците и за агенцијата на ОН за палестинските бегалци и нивните потомци УНРВА, што Трамп ги прекина.

„ Немало ништо полошо од ерата на Трамп. Спасението од неа е постигнување,“ рече Шаат.

Минатата недела, новата потпретседателка Камала Харис изјави за „Араб-Американ њуз“дека под администрација на Џо Бајден, САД ќе работат на враќање на врските со Палестинците кои беа прекинатиа под администрацијата на Трамп.

Харис рече дека Бајден повторно ќе ја отвори палестинската дипломатска мисија во Вашингтон и ќе ја обнови хуманитарната помош за Палестинците. Таа додаде дека Бајден е посветен на решението за две држави. Бајден, најверојатно, ќе се спротивстави и на чекорите на израелската влада за примена на суверенитетот на Западниот брег.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: