fbpx

Објектив

Погледни подобро

ИСТОРИЈА: МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО!

Македонските репрезентативци одиграа резервирано прво полувреме на дуелот во Грузија. Но, благодарение на феноменалното второ полувреме дојдовме до остварување на сонот!

Натпреварот почна мирно на двете страни. Од првите 25 минути останаа за одбележување само два сосема безопасни шута на домашните, оној на Квеквешкири од 18 метри, крајно непрецизен, во 5. минута и на капитенот Канкава од слободен удар од 22 метри во 14. минута.

И во следните десет минути силен притисок на домашните. Во 28. минута следеше првата посериозна шанса за Грузијците, прв шут во рамките на македонскиот гол, Окриашвили шутираше од 18 метри, но Димитриевски одбрана. Веќе во 30. минута Окриашвили во нов убав продор по десната страна, шутираше силно од 16 метри но за малку над гредата од голот на Македонија. Веќе во 33. минута повторно брз напад на избраниците на Владимир Вајс, се најде Качарава и Казаишвили осамени пред голот на Димитриевски, но расчисти македонската одбрана.

Во 35. минута првата шанса за Македонија. Алиоски одлично од левата страна го проигра капитенот Пандев кој мајсторски со глава шутираше од 15 метри, но домашниот голман со крајни напори исфрли во корнер. И тоа беше се низ првите 45 минути.

Во второто полувреме првата можност за македонската селекција. По корнерот на Алиоски од десната страна, Пандев во пробив до петерецот на домашните но шутира само во надворешниот дел од мрежата на Лорија.

И, конечно водство во 56. минута. Феноменална акција по левата страна поведе Елиф Елмас кој велемајсторски продре по страна, проигрувајќи го Несторовски пред голот на Грузијците. Офанзивецот извонредно проигра до Пандев на кого од неколку метри не му беше тешко да погоди за 0-1.

Во 66. минута нова одлична можност за зголемување на предноста. Елмас одлично шутираше од 18 метри но за малку покрај голот на Лорија. A, во 67. минута овации од македонската делегација на трибините на „Динамо арена“ за Аријан Адеми кој собра сили да настапи на натпреварот и во 67. минута беше заменет од Спировски.

Одличната игра на составот на Ангеловски во низа низ минутите на „Динамо арена“. Па во 75. минута нова соло акција на Елиф Елмас но шутира непрецизно од 15 метри.

И до крајот само рутинско одржување на предноста, не дозволувајќи им на Грузијците да дојдат до ниту најмала надеж за погодок, за триумф од 0-1 и историски пласман на Европско првенство.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: