ХОТЕЛИЕРИТЕ БАРААТ НОВА ПОМОШ ОД ЈАНУАРИ
Помошта која државата ја најави за туристичкиот сектор нема да биде доволна за целосен опстанок на бизнисите, а дополнителен проблем е што и она што беше ветено се уште не е стигнато на сметките на хотелските и угостителските капацитети. Хотелиерите и угостителите се надеваат дека со нов сет мерки од јануари ќе им биде одговорено позитивно на нивното барање за одложено плаќање на банкарските кредити на подолг временски период.
„Платите се само еден дел од трошоците во оваа индустрија. Но, 25-30% од обртот оваа година, ние немаме извадено ни за плати…“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.
„Освен од Развојна банка некој кредит и минималните плати од три месеци, ниеден угостител немаме добиено ништо. Државата нешто се обидува нешто да ни потпомогне, но тоа се многу малку мерки гледајќи ја ситуацијата воопшто…“, вели Муса Рашид-сопственик на хотел.
Педесет проценти од големите хотели покрај Охридското езеро ставија клуч на врата и ќе отворат најрано во април или мај. Со работа ќе продолжат само некои од помалите градски хотели. Засега поголемиот дел од вработените ќе останат на своите работни места, а дел ќе користат одмор. Инаку, хотелиерите велат дека илјадници аранжмани со нивни странски партнери кои се веќе потпишани за 2021 година, стојат на „стенд-бај“, што уште повеќе ја прави неизвесна и наредната туристичка сезона.
„Ние имаме добра соработка со странски агенции, тие се оптимисти дека 2021 година ќе биде подобра. Потпишавме и нов договор за таа сезона“, изјави Ерхан Папранику-менаџер на хотел во Струга.
Хотелиерите велат дека оваа година најверојатно за првпат од нивното постоење, во Охрид и Струга нема да има организиран дочек на Новата Година.