КОЛУМНА: „Кypвата од Вавилон“ треба историски да ни се извини!
Европската унија е најдолна проститутка, а ние треба да бидеме нејзин Џек Мевосек! Јас поинаку, не можам, ниту да ги разберам, ниту да ги сфатам „односите“ помеѓу најбогатиот политички клуб во светот и нас како држава. Веројатно, ќе станеме школски пример, предаван на универзитетите ширум светот, за непринципиелност во меѓународните односи.
Да, тие се сурови, и функционираат само на хартија, постојат правила и норми, кои во практика реално не постојат, но постојниот меѓународен поредок, после Втората светска војна, беше изграден како една безбедносна политичко-правна архитектура на сите суверени земји со уредени односи помеѓу себе си. Македонија го смени своето уставно име, за севкупна употреба, без преседан и во историјата и во географијата на познатата наша планета земја, под притисок на една земја-членка на Унијата, само и само за да може да го продолжи својот евроинтегративен пат кон официјален Брисел. Веројатно, ниту ќе постои друг народ на европскиот континент во иднина, во минатото секако не постоел, кој платил толкава цена за фиктивно асоцијативно членство во некоја политичка заедница. Но, нејсе!
Понижувања кои немаат цена!
Наместо после решавањето на деценискиот спор околу нашето уставно име со јужниот сосед Грција, ЕУ да беше гарант на нашите европерспективи, веднаш зад аголот, бевме начекани од нашиот друг ЕУ сосед Бугарија, овој пат можеби со уште поневеројатни барања и идентитетско-историски уцени за да го продолжиме нашиот формален пат кон Унијата. Добивме вето, и наместо да ги отпочнеме долгоочекуваните преговори, кои требаше да бидат трансформациско „патување“, кон Унијата, односно да почне земјата да се менува на подобро во секоја општествена сфера на живеењето, петнаесет години по добивањето на кандидатскиот статус во веќе далечната 2005-та година, ние одново добивме невидено разочарување. И за тоа молк од бриселската проститутка, или „кypвата од Вавилон“, како што своевремено, луцидно во своите колумни ја нарекуваше угледниот професор на Правниот факултет во Скопје, Ѓорѓе Марјановиќ. Европската Унија (не Бугарија или Грција), ако има грам доблест како транснационално тело, односно нејзината политичка елита, треба да упати историско извинување кон Македонија и нејзините граѓани, за антицивилизацискиот и антихуман однос кој таа организација го има кон нас во последните три децении, практично од кога сме независна држава. Велат дека Македонија е самата таа која претендирала и пледирала да биде полноправен член и дел од оваа моќна политичка организација, но еднаш напишав дека ЕУ кон нас се однесува како насилник кој постојано физички и психолошки ја малтретира својата партнерка, заканувајќи и се, доколку се тргне од него, ќе ја убие.
Има ли геополитичка алтернатива, далечното членство во ЕУ?!
Што сакам да кажам, всушност?! Па секој наш обид или привид за геополитичко свртување за 180 степени во надворешнополитичката ориентација на Македонија, односно економско, културолошко, политичко, воено , дипломатско, или било какво зближување на нашата земја со источните големи сили (Русија и Кина во прв ред/ гледате не ни даваат „стратешките партнери и пријатели“, или уште пострашно имаме автоцензура да нарачаме руски и кинески вакцини против Ковид-19, дури и кога се работи за живот и смрт), веднаш го пали алармот во Брисел, особено тој во официјален Вашингтон, и во минутата почнуваат добропознатите стари рефренски папагалско повторувани фрази дека единствена алтернатива на Македонија е полноправното членство во ЕУ и НАТО, и дека секој друг обид за врзување на земјата со руско стратешко партнерство ќе значи дестабилизација, поделба, исчезнување на Македонија, и слични баба-рога прикаски за мали деца. На практика, ЕУ воопшто не ја сака Македонија како дел од себе, но ја сака да биде постојано до себе, и да не мрдне на страна, бидејќи тоа го загрозувало стратешкиот интерес на Унијата во Западен Балкан. Веројатно слична судбина ќе ги снајде и останатите 4-5 земји од проектираниот регион, кој ќе биде оставен и понатаму да биде на ветрометината на геополитичките пресметки со штетни и големи последици по самите земји и граѓаните кои живеат во нив. Тоа поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери го оцени како „линија на огнот меѓу Москва и Вашингтон“, во кој оган ја смести и Македонија. Премногу долго не печеа на тој оган, по се изгледа, и затоа сме до таму каде што сме. Вината секогаш ја префрлаат на нас, без никогаш да преземат дел од неа, самите тие кои не вкрстија во линијата каде што изгоревме.
Колумна на политикологот Благојче Атанасоски