Има ли политичка сила, која ќе го со(п/т)ре Апасиев?!
Од појавата на политичката сцена, пред околу пет години, партијата Левица, во постојаност ја следат контроверзи. Обвинувања, дека е создадена првенствено од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како партија која треба да „скине“ од гласачкото тело на СДСМ, пред клучните тогаш избори на 11-ти декември, како што алудира и нејзиното име, до партија позади која стојат крупни олигарси, за да ги задоволат своите политички интереси, односно да не бидат судско процесуирани во делата на веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство (читај: Јордан Орце Камчев). Вистина, Левица на почетокот беше ентузијастички создаден политички проект, од членовите и симпатизерите на социјалните групи и здруженија „Ленка“ и „Солидарност“, која треба(ше), исклучиво да се бори за правата на обесправените работници, угнетените, сиромашните, екплоатираните и стечајците. На почетокот во неа членуваа и поистакнати имиња, на јавноста познати општественици, и борци за погоренабројаните идеолошки заложби, како професорите Здравко Савевски и Бранимир Јовановиќ, потоа Мариглен Демири, дури и Катерина Колозова, но по партискиот раскол, оваа партија потпадна под целосно влијание на моментално најконтроверзниот но и најпопуларниот лик на македонската политичка сцена „Робеспјер неподмитливиот“, како што самиот си додели титула, или професорот од УГД во Штип, најпознатиот велешанец после Коста Солев-Рацин и Илија Димовски, неговото височество Димитар Апасиев.
Свесно вртење кон десно!
По преземањето на партиските узди, тој идеолошката матрица на Левица, ја рекомпонираше во радикална десница, или злобниците би рекле во „национал-социјализам“, скратено нацизам, алудирајќи дека ја негува идеологијата на чудовиштето од Втората светска војна, Адолф Хитлер. Вистина, Апасиев, жестоко на пиедесталот на својата политичка борба, ги постави националните прашања (против Преспанскиот договор, против Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, против Законот за двојазичност, против веќе одложениот за наесен попис на населението), со што, некако во втор план отидоа прашањата од социјално-хуманистичката компонента на оваа партија, и од една надетничка, интернационално идеолошка организација, таа длабоко зацапа во десниот идеолошки простор, со што почна да „чепка“ и од гласовите на најголемата десничарска партија кај нас, ВМРО-ДПМНЕ. Во суштина, „ѓаволот ја однесе шегата“, односно навистина ова е така, се покажа на минатогодишните парламентарни избори на 15-јули, кога анализите покажаа дека многу повеќе гласови од вкупните 38- илјади, Левица ги прибра на своето конто од десниот гласачки резервоар, со што нанесе ненадоместлива штета на десничарската опозиција. Можеби беше и главен виновник за губењето на изборите на опозицијата, т.е откинатите десничарски гласови од Левица, беа клучен фактор и клучна разлика во минамалниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ од СДСМ, од околу 13-тина илјади гласови. Тоа ПР стратезите на партијата, го разбраа доцна, последниве неколку месеци, кога гледаме синхронизиран и координиран напад кон Апасиев од страна на вмровските ботови на социјалните мрежи, но и од истакнати вмровски партиски и јавни функционери, кои не штедат веќе критики кон него и неговата работа во македонското Собрание. До пред извесно време, дотичниот да напишеше „куриња ќе висите“, со брзина на светлината, овој негов бравурозен статус беше пренесуван ударнички на медиумите под контрола или финансирани од најголемата опозициска партија.
Предоцна е да заврши како маргиналец!
Се поставува прашањето: дали има враќање назад, за заземениот политички налет и замав на контроверзниот десничар кој е прв фронтмент на партијата Левица, или пак во иднина само ќе се зголемува неговиот политички рејтинг, а со тоа и партијата ќе станува се посериозен фактор на македонската политичка сцена? Последните анкети, околу Нова Година, говорат дека тој го дуплирал својот рејтинг, од последните парламентарни избори, на кои освои 2 пратеници, а многу малку гласови му фалеа, да дојде до 4 или 5. Што значи, во ваква контстелација на партиските соодноси и распределба на политичко-партиската моќ и конјуктура во највисокиот законодавен дом, на наредните избори Апасиев и дружината би освоиле 5-7 пратеници, секако совршено распределени низ намерно поставениот фаличен Донтов изборен модел, поделен во шест нерамномерни изборни единици. Да си признаеме Апасиев е одлика и феномен, појавен и катапултиран на нашиот политички небосклон, како одговор на катастрофалното тридецениско наизменично владеење на најголемите две партии ( со се нивните превртливи мали пајтон-партиички, кои ги носеа на свој грб во коалициската композиција), и огромното разочарување на народот во однос на тоа владеење, во секоја негова сфера на општественото живеење: економска, социјална, здравствена, образовна, национална и политичка). Професорот од Штипскиот универзитет, многу лукаво, политички итро и луцидно, точно ги пикира и работи на зголемување на своето гласачко тело преку оние кои се најгневни, најбесни, длабоко исфрустрирани и немоќни во своето животно битисување, односно ги таргетира „хејтерите“, кои вината за својот личен (лош) квалитет на живот ја наоѓаат токму во тридецениското владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Моја проценка е дека Апасиев, неговата партија и структура ќе растат се до оној момент, додека не влезат во извршната власт, а со тоа ќе ги разочараат нивните гласачи и симпатизери, бидејќи реално ниту имаат капацитет, а прашање е дали и искрено сакаат нешто да сменат. Но до тој момент, неговата политичка и пратеничка сила ќе оди во нагора линија, ќе расте, со голема веројатност тој да стане клучен фактор без кој нема да може да се создаде идната извршна власт во Македонија, после распоредот на силите во македонскиот парламент. Негов избор е дали ќе премине „ од другата страна“, т.е дали ќе стане власт, а со тоа ќе почне неговиот политички пад, или и понатаму ќе делува како жестока опозиција на двата мастадонти, кревајќи си ја политичката цена и понатаму. Едно е сигурно, во моментов, тој е единствениот лик чиј рејтинг оди вртоглаво нагоре, и прашање е дали има политичка или друга сила, која тоа може да го спречи или промени.
Колумна на политикологот Благојче Атанасоски