fbpx

Објектив

Погледни подобро

БЛАГОЈЧЕ АТАНАСОСКИ: Секој успех е плод на работа, труд, храброст, професионалност и верба во себе!

Во целиот овој здравствен хаос кој ни се случува со доцнењето на набавката на поголемо количество вакцини, за отпочнување на процесот на масовна вакцинација, и неспособноста на властите тоа да го изменаџираат, во ситуација кога имаме по илјада и петстотини дневно новозаразени пациенти, но и стравична бројка од педесетина починати, победата на македонската фудбалска репрезентација на гостински терен против повеќекратниот европски и светски шампион Германија, е можеби единствената инстант национална среќа, односно изблив на колективно чувство на задоволство не само кај сите љубители на најпопуларниот светски спорт, туку и кај сите Македонци и македонски граѓани кои си ја сакаат својата држава. Овој резултат, воопшто не е победа на случајноста, туку напротив е резултат добиен по една рамноправна, пожртвувана, беспоштедна борба за секоја топка на теренот, со голема храброст, пркос, но и одлична тактичка поставеност на секој фудбалер кој си го знаеше своето место и својата улога во тие прекрасни 99 минитуи во Дуисбург.

Чудата“ постојат и ни се случуваат

Сето ова го велам и пишувам, бидејќи во изминатите три десетилетија на македонска независност, фудбалската репрезенација на Македонија, по ништо не се разликуваше од севкупните политичко-општествени и финансиско-стопански односи и состојби во земјата, односно катастрофална игра која носеше понекогаш и срамни порази од мини државички (Андора), со по некој инцидентен проблесок, да извадиме реми против голема велесила (Англија, Холандија). Но работите наеднаш се сменија, прво се пласиравме на Европското првенство, оваа година, со што влеговме во клубот на најдобрите, а со победата над Германија, веќе создадовме и имиџ во целиот фудбалски свет, односно целокупната фудбалска светска јавност, повеќе нема да не гледа како „топовско месо“, туку со други очи, респектабилно. Тоа, впрочем го заклучија и голем број на светски фудбалски стручни лица, поранешни фудбалски мега звезди, коментатори и секој оној кој се разбира од професионалниот фудбал.

Да го пресликаме моделот на репрезентацијата во секое поле!

Во држава која пред дваесетина години, преживеа внатрешен етнички воен конфликт, помеѓу Македонците и Албанците како две најголеми доминантни етнички заедници, но и заедници помеѓу кои постои најголема нетрпеливост (да не речам директно омраза), и во земја во која една константна политичка партија на власт (ДУИ), претставничка на етничкоалбанските интереси во Македонија, постојано прави се земјата да биде подвоена и да функционира по разделени етнонационални шавови, сплотеноста на македонската фудбалска репрезентација, составена од еден етнички шаренолик композит, каде што Македонци, Албанци, Турци (порано и Срби), играат сплотено под македонското знаме, бранејќи ги македонските национални бои, со пожртвуваност под водството на незаменливиот ветеран во националниот дрес, иконата на македонскиот фудбал Горан Пандев, е доказ дека доколку ги поставиме професионално работите, без да гледаме етничко-религиска или друга припадност, туку напротив, секој кој заслужил по мерит системот ќе го заземе своето место во репрезентативниот дрес, можеме да жнееме успеси. Така е на секое поле. Ако до врвовите на политиката се искачат најспособните, најспремните, најефикасните и од нив видиме резултати во функционирањето на институциите на системот, тогаш не е важно кој управува со министерството за здравство, бидејќи сите ќе бидеме задоволни, или пак кој е претседател на државата, ако истиот е „ татко“ на политичката нација на сите подеднакво. Истото се однесува и за економијата, науката, културата, да не говорам за образованието. Успехот на македонската фудбалска репрезентација треба да биде воедно и поука, дека само со упорна работа, труд , подигнување на својата ниска самодоверба, храброст и спремност за високи дострели, резултатите ќе си дојдат самите по себе. Ништо во животот не е случајно, ниту пак паѓа од небо. Се е одраз и одлика на причинско-последични врски. Нека овие звездени мигови на нашите најдобри фудбалери ни бидат доказ и патоказ дека доколку работите ги смениме од корен и ги поставиме на правилната посока, може да си го подобриме животот во оваа наша мала државичка во секој можен аспект. Иако изгубивме и потрошивме три децении во празно, никогаш не е доцна, да се сменат работите. Да почнеме од денес, без изговори и без оправданија.

Колумна на политикологот Благојче Атанасоски

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: