fbpx

Објектив

Погледни подобро

ЛЕВИЦА Е НОВАТА СИРИЗА?!

Ако фрлиме бегол поглед врз карикатуралната македонска политичка сцена, на хоризонтот нема да забележиме, ама баш апсолутно ништо ново. Освен досадните до болка, секојдневни партиски соопштенија и пресови од страна на двете доминантни политички партии, исполнети со едни исти излитени фрази, кој повеќе украл, кој повеќе ја упропастил Македонија, кој е поголем патриот, кој повеќе направил и учинил добро за државата и граѓаните. Како не се уморија од застарената лента, или пак, како се уште сметаат дека после тридецениски лаги и замајувања на народот и јавноста, се уште ќе им веруваме. Особено што станува збор за двете најголеми партии кои единствено само тие ја менуваа власта во Македонија, се разбира со нивните смешни коалициски привезоци, кои најчесто сончогледовски ја менуваа страната по добропознатиот политички чесен принцип на покојниот Амди Бајрам:„ кој е на власт, ја сум со вас“.

Само рејтингот на Апасиев вртоглаво расте!

Толку ли не се свесни и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, дека со своето неивентивно, политички очајно, депресивно, патетично и безидејно делување и дејствување, наместо да го анимираат и подигнат гласачкото тело, а со тоа да претендираат на наредните избори на победа, тие само и само го ронат и го намалуваат својот гласачки потенцијал и резервоар на сметка на Димитар Апасиев и Левица. Да, наци-популистот, црнокошуљашот, Робеспјер неподмитливиот, или како сакате наречете го во вашите напади, двојно го има зголемено неговиот партиски рејтинг од минатогодишните предвремени парламентарни избори за само девет месеци, и ако продолжи оваа тенденција најверојатно при наредниот „покер“ распоред на собраниските мандати, без Левица ќе биде невозможно да се создаде идниот владин кабинет, ако се исклучи можноста СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да направат широка коалиција. И таквиот хипотетички претпоставен развој на настаните, за кој во овој момент изгледа како неверојатно сценарио, не само што му одговара на професорот од УГД во Штип, туку веројатно е најпосакуваниот расплет на македонската политичка сцена за него, за да се претстави како единствената алтернатива за македонските граѓани во однос на двете ДООЕЛ корумпирано-олигархиски друштва, кои ги опслужуваат интересите на крупните олигарси кои се нивни финансиери. Токму тоа ќе му бидат идните политички потези на овој контроверзен политички лик на нашиот политички жабарник, за кое одговор ќе видиме во најкус можен рок на претстојните локални избори на есен.

Имено, рејтингот на Левица, сигурно гарантира дека кандидатите за советници во Советите на локалната самоуправа ќе бидат претставени, најмалку со еден, но во некои урбани и градски општини, Левица може да даде и до два-три советници, и при еден изедначен до маргина резултат во распределба на советничките мандати помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, тие советници од Левица, да бидат клучен тас на вагата без кој ќе не може да се конституира мнозинство во советот на соодветната општина. При тој развој на настаните, ќе бидеме сведоци на купопродажни договори на советници од спротивниот табор, за кое фронтменот на Левица, ПР-овски тоа многу добро ќе го продаде и претстави на разгневената и агресивно-депресивната јавност дека ете „ на јаве и виделина се гледа веќе и официјалната коалиција помеѓу Заев и Мицкоски“.

Како и да е, допрва почнуваат интересни расплети и настани на македонската политичка сцена. Заев и Мицкоски се во неформална коалиција?! Кога сме кај Мицкоски и Заев, „злобниците“ велат дека истите се во премолчан договор, помеѓу себе да се штитат односно да работат долгорочно на планот „ ти мене премиер, јас тебе лидер на опозицијата“. И навистина во дадениот момент, премиерот и лидер на СДСМ е тргнат во фронтален напад на целосно преземање на структурите во партијата под своја доминација, осум години по неговиот првенствен избор во веќе далечната 2013-та година. Без сомнение, СДСМ е многу похетерогена и многу полиберална партија, со различни структури од една ВМРО-ДПМНЕ на пример, влијанија и меѓусебни внатрпартиски клановски пресметки, за кои и на еден генетски татко, каков што беше Бранко Црвенковски му беше тешко своевремено да ги менаџира. За разлика од нив, во ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што нормално постојат различни интересни групи, кадровски кланови, влијанија и внатрепартиски пресметки, секогаш лидерот на партијата, особено ако се на власт, хомогено и цврсто ги држел сите на куп, задоволувајќи ги со пари, тендери, функции, за „ мир во куќа“.

Овој пат се гледа дека после се што направи на македонската политичка сцена, „муртинецот“, во наредниот период ќе се занимава со својот партиски двор. Метлата го чека на Бихаќка. За да може тоа непречено да го реализира, му треба еден тотално хаотичен и дезориентиран лидер на опозицијата каков што е Мицкоски, да не му го загрозува премиерското место. Во овој момент, Мицкоски се задоволува со уште долги години во опозиција, само да остане на престолот во Белата Палата, одошто да тргне во организирана и сеопшта политичка борба за да го сруши „режимот на Заев“. За да успее Мицкоски да остане партиски султан, а везирот „Лошко“ (потпретседателот А.Николовски), да не претендира на неговиот престол, му е потребна поддршката од Зоран Заев. Противниците на првиот опозизионер од т.н „Мериот Коалиција“ ги снема никаде, и веројатно се напикани како глувци во дупка, после затворската пресуда на нивниот мецена, сопственикот на Мериот хотелот. Таа „услуга“ по случајност или не на историјата, на Мицкоски му ја заврши Заев, директно или индиректно, без разлика. Веројатно оваа година, повеќе ќе бидеме сведоци на битка на Мицкоски против Николовски и Заев против Шекеринска, отколку помеѓу нив „ судир на титаните“. Ако има титан во тој судир.

Македонско, и се е можно!

Колумна на Благојче Атанасоски

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: