Актерот Пол Рад прогасен за најсекси маж на светот
Американскиот актер, сценарист и продуцент, Пол Рад (52), е прогласен за најсекси маж на планетата, според изборот на списанието „Пипл“.
Познат, меѓу другото и по улогата во филмот „Човекот-мравка“ (Ant-Мan), Рад има кариера од над 30 години и околу 130 филмски и ТВ-проекти зад себе, меѓу кои и споредната улога во „Пријатели“.
Тој се изненадил кога ја слушнал веста, како и неговата сопруга.
Имам доволно свесност за да знам дека, кога луѓето ќе слушнат дека сум избран за оваа титула, ќе кажат „Што!?“ …Ова не е лажна скромност. Навистина има многу други луѓе кои требаше да го добијат ова (признание) пред мене! – вели тој за „Пипл“.
Тој додава дека и неговата сопруга Џули, со која е во брак 18 години, била изненадена.
Годинава, Пол Рад е актуелен со филмот „Истерувачи на духови: Животот потоа“, како и сериите „Што ако…?“ и „Психијатарот од соседството“, а се снима и суперхеројскиот „Квантиманија“ закажан за 2023 година.
Пред неколку дена порталот „Пејџ сикс“ и повеќе светски медиуми пренесоа дека титулата „најсекси маж“, според „Пипл“, ќе ја понесе Крис Еванс. Оваа вест одекна во светот, но блескавата титула во последен миг, сепак, ја доби Рад.