БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЗА СИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ
Средношколците бараат правото на бесплатен превоз во автобус да важи за сите ученици во средните училишта, без оглед дали учат во државни или приватни училишта, но и за учениците со посебни образовни потреби од државните домови. Покрај ова бараат бесплатниот автобуски превоз наместо само во текот на учебната година да се продолжи и во текот на летниот превоз кога тие ја посетуваат задолжителната пракса.
За реализација на нивните барања, Сојузот на средношколци денеска ќе поднесе до Републичкото собрание Предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование, во членот што се однесува на правото на превоз на учениците.
Средношколците промовираа и видео со анкета од ученици од приватни училишта кои немаат право на бесплатен превоз и сметаат дека се дискриминирани, посочувајќи дека и нивните родители се даночни обврзници на државава, а има и ученици кои студираат приватно со стипендија. Во анкетата тие истакнуваат дека имаат потреба од превоз до и од училиштето, како и за воннаставни активности, исто како и учениците од јавните средни училишта.
Претседателот на ССРСМ, Лука Павиќевиќ соопшти дека се работи за околу две илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава и информираше за сите активности што досега ги презеле во остварувањето на оваа цел во изминатата година, како што се средби со градоначалничката Данела Арсовска и вицепремиерката Славица Грковска, како и со претставници на Клубот на млади пратеници.
Тој рече дека Предлогот за измени на Законот ќе го достават до сите пратенички групи и очекува пратениците да го поддржат. Предлогот не се однесува само на приватните училишта, туку со него се бара бесплатниот превоз да важи и за средношколците со посебни образовни потреби сместени во државните домови, како за учениците што живеат на помалку од два и пол километри од училиштето.
Со предлогот се бара јавниот превоз да биде бесплатен и преку лето затоа што учениците од државните стручни училишта имаат феријална пракса за време на летниот и на зимскиот распуст.
Според сегашниот закон, иако одат на пракса да работат како дел од дуалното образование, тие својот превоз го плаќаат, рече Павиќевиќ.
Измените што ги предлагаат, како што рече, се ажурирани и креирани со тоа што се внесени сите конструктивни забелешки од претставници со кои имале средба, и дека со предлогот правото на бесплатен превоз ќе стане универзално за средношколците.
Овој закон предвидува крај на дискриминацијата врз основа на растојанието од домот како и на типот на училиштето – државно или приватно. Понатаму, се обезбедува превоз и за учениците кои посетуваат феријална пракса за време на распустите, а се гарантираат и правата на учениците со попреченост. Законот овозможува превозот да стане праведен за сите средношколци во нашата земја – додаде претседателот на Сојузот.