fbpx

Објектив

Погледни подобро

ЖЕНИТЕ МАСОВНО СЕ СЕЛАТ ВО ГРАДОВИТЕ

Македонија од доминантно агрикултурна земја во минатото, стана држава во која од деценија во деценија, селата и селските стопанства се повеќе се празнат, на сметка на зголемување на бројот на жители во градовите. Немањето на соодветна инфраструктура, пат,водоснабдување, образовни и културни институции, амбуланти и друг тип на здравствена заштита, ги тера младите се повеќе, својата среќа да си ја бараат во градовите низ Македонија, или во странство селејќи се во високоразвиението земји од Европската унија.

Граѓаните велат дека генерално за сите луѓе во нашето општество наоѓањето работа е тешко, но според нив, жените кои живеат на село ги немаат истите можности како жените кои живеат во урбана средина.

Географската дистанца повлекува повеќе трошоци за патување до работното место и назад и прашање е дали на повеќето жени ќе им се исплати да одат на работа во градот. Според граѓаните, добро би било во иднина да се отвораат повеќе фабрики во руралните средини.

„Финансиски не одговара жените од село да одат на работа во град. Треба да плати превоз, додека да стигне на работа губи време, но и да патува со свој автомобил пак е исто, прави трошоци“, вели средовечна кумановка.

Друга граѓанка смета дека без врски, роднински или партиски жените без разлика каде живеат, немаат голем избор за вработување.

„Нема правдина на ова време. Јас имам завршено Економски факултет, ама што дека? Дваесет години сум без работа, така што тешко е за сите“, рече друга невработена жена.

Од Рурална Коалиција од Кичево објаснуваат дека жените кои живеат на село се во полоша состојба. Тие направиле истражување кое укажува што е она што ги „кочи“ жените од руралната средина за вработување.

„Кога ги гледаме можностите за вработување, како и генерално економското јакнење на жените од руралните средини во никој случај не можеме да кажеме дека можностите кои што ги имаат жените од руралните со жените од урбаните средини се еднакви. Зошто? Најпрво ќе тргнеме од достапноста на информацијата. Во истражувањето што го работевме како Рурална Коалиција во текот на 2020 и 2021 година кога бевме погодени од Ковидот и работевме на економското зајакнување на жените од руралните средини и коишто беа едни од групите на граѓани коишто и најмногу беа погодени, од 95 отсто од над 350 испитанички од руралните средини истакнаа дека немаат доволно информации ниту за општите случувањата во државата, а уште пак помалку за вработување. Најчеста причина за тоа беше наведена преголемата зафатеност на жените со домашните обврски, грижата за домаќинството, стоката, постарите лица во семејството, како и работата на нива. Потоа како причина беше наведена и минималната дигитална писменост која што ја поседуваат жените од овие средини, па многу потешко се снаоѓаат со паметните телефони, интернетот, пребарувањето на информации, огласи за вработување, можности за самовработување“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција.

Понатаму, додава дека едукацијата и степенот на завршено образование е исто така една од пречките да се снајдат и добро да се позиционираат на пазарот на трудот. Жените најчесто се со средно образование со таа напомена што во последните години кај младите девојки тој тренд се менува, па има сè повеќе млади жени од рурални средини кои што имаат и факултетско образование. Во однос на еднаквоста на можностите за вработување, Јоноски споменува и уште два многу важни елементи, првиот е немањето на доволно градинки во руралните средини каде што жените би можеле да ги остават децата на чување или пак немањето на можност било кој друг да им ги чува поради работата на поле, како и немањето на јавен превоз за да стигнат до град или пак до работното место.

„Има села во Македонија коишто се само 7 километри, па и помалку оддалечени од градот, но поради немањето на превоз до најблиската станица жените мора да одат пеш и по 5 километри, па и да почнат да одат некаде на работа. Жените се откажуваат по одредено време затоа што цела година да се оди пеш особено во зимски услови не е воопшто ниту лесно ниту едноставно, а претежно се вработуваат на позиции во фабрики каде што се минимално платени, па и најчестиот исказ од жените кои што се нашле во оваа ситуација е дека за толку пари подобро ќе работат на нива отколку да се соочуваат со различни предизвици секој ден кои што ги загрозуваат нивното здравје и безбедност. За еднаквост во платите помеѓу мажите и жените, пак воопшто не може да стане ниту збор. И тука би споменала уште една причина која што сакале ние да ја признаеме или не, а тоа се традиционалните норми и стереотипи. Во голем дел на села особено оние кои што се поодалечени од градовите сè уште преовладува мислењето дека местото на жената е дома да се грижи за домот, за семејството, за стоката, за нивите, па тоа е дел од причините зошто голем дел од жените не се ни пријавуваат во Агенцијата за вработување, па влегуваат во т.н. неформална економија и се невидливи за пазарот на трудот. Во согласност со податоците од институциите и истражувањата во секторот само 38 отсто од жените од руралните средини се економски активни односно или се вработени или пак активно бараат работа. Голем дел од нив не се ниту регистрирани во земјоделската дејност која што ја вршат, па така во Македонија според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство имаме околу 40.000 жени кои што се регистрирани и кои што си плаќаат пензиско и здравствено осигурување од дејноста која што ја вршат“, додава Јоноски.

Фактот, дека степенот на урбанизација на градовите за сметка на селата, се повеќе ја празни Македонија, и ја концентрира во главниот град и општините кои гравитираат околу него.

error

Ви се допадна објавата? Споделете на: